УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика започнуваат нова иницијатива за создавање професионални заедници за учење во градинките кои ќе им помогнат на воспитувачите да го унапредат професионалниот развој и да го поттикнат учењето и развојот на децата.
Во текот на февруари и март 2022 година три воспитувачи , кои се дел од проектот за Социјална кохезија и културен дијалог ја проследија онлине обуката.
Тие се запознаа со концепциската рамка и се здобија со практично искуство во врска со воспоставувањето на клучните елементи на професионалните заедници за учење: култура на соработка со акцент на концептот „учење за сите“; колективно истражување на најдобрата пракса и на актуелната состојба; учење преку пракса; посветеност на континуирано усовршување; како и ориентираност кон резултати.
Професионалните заедници за учење се осмислени како тековен процес што ќе обезбеди континуирано подобрување на практиките на држење настава преку постојана вклученост на кадарот во продлабочени, систематски и колаборативни активности на професионален развој на ниво на предучилишни установи. Главната цел на професионалните заедници за учење е да воспостават училишна култура која овозможува учење од страна на децата преку вредности, норми и очекувања споделени меѓу воспитувачите во предучилишното образование.
Формирањето на професионалните заедници за учење ја надополнува тековната програма за социјален и емоционален развој фокусирајќи се не само на добросостојбата и развојот на децата во предучилишните установи туку, подеднакво, и на добросостојбата и развојот на воспитувачите во предучилишните установи како еден од клучните фактори за постигнувањата на децата.