Насоки за родители за говорно - јазичка стимулација кај деца
Доколку вашето дете не проговорило околу првата година, односно од 9 до 15 месеци или целокупниот говорно-јазички развој се одвива побавно потребно е да се почне со поинтензивна говорно-јазичка стимулација, а тоа подразбира сите активности што ги спроведувате со детето да бидат придружени со говор. Користете ја секоја ситуација во текот на денот. На детето обраќајте му се со кратки реченици составени од 2-3 збора. Вашиот говор треба да биде јасен, правилен и директно насочен кон детето.
Вежби што можете да ги применувате во домашни услови за почетно проговорување и за стимулација на говор:
- Обратете внимание на различните звуци во домот и надвор.Секој звук придружете го со вербална стимулација и движење (ѕвоно –динг-донг; телефон – ѕрр; часовник – тик-так). Слушајте ги заедно звуците, барајте да ви покаже од каде доаѓаат и имитирајте ги.
- Имитирајте разни движења. Прво вие, а потоа охрабрете го детето и тоа да го изведе движењето со ваша помош, а потоа и самостојно. Изведувајте ја активноста додека детето не добие желба и тоа да имитира. Притоа секогаш пофалете го (браво, бакнеж, гушкање…)
- Стимулирајте вокализација со помош на слогови така што ќе имитирате некоја активност (ако се удари АУУУУ; спиење НА-НА, НИ-НА, лулање ЛУЛ-ЛУЛ; фрлање топка ОП-ОП; јадење АМ…)
- Стимулирајте ја ономатопејата – имитирање на животните. Како вика (мачето – мју-мјау; кучето – ав-ав; кравата – му…)
- Барајте извршување едноставни налози. Дај ми ја (топката, мечето, автомобилот…) Еве го (мачето, бебето…) Донеси ми го (телефонот, балонот…) Земи ги (коцките, боиците…)
- Именувајте ја секоја активност што ја правите вие и што ја прави детето (спие, јаде, седи, стои, пее…).
- Именувајте ги членовите на семејството – мама, тато, дедо, баба, дада, бато, тета…
- Именувајте ги деловите на телото – око, нос, уво, рака, нога. Покажете ги на себе, па на детето, па на куклата.
- Немојте да се трудите да го разберете говорот на детето затоа што така го забрзувате развојот на и онака неразбирливиот говор.
Добро е да го стимулирате детето да дефинира некој поим. Ако нешто работите, задолжително вклучете го и детето во таа активност (средување на играчките, правење ручек, средување на облеката) и притоа вербализирајте го сето она што го работите. Постепено користете зборови со кои ќе му помогнете да го сфати просторот околу себе.
Во комуникацијата со детето користете правилен говорен модел. Исправете го детето кога погрешно ќе го изговори зборот.
Не повторувајте го она што детето неправилно го кажало, туку дајте му добар говорен модел, затоа што вие сте за него најдобриот говорен модел за правилен говор. Во почетокот грешките се нормални и очекувани. Децата го учат говорот постепено.
Стимулирањето на говорот бара трпеливост, посветеност, енергичност и одлучност. Во почетокот изгледа како многу тешка задача, но напредокот кој ќе го постигнете со текот на времето ќе направи да се чувствувате горди. Трудот ќе се исплати.